
Напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, ја опиша драматичната победа на “Граѓаните” против Ливерпул како силна порака. Играчите на Пеп Гвардиола успеаа да го свртат резултатот со головите на Бернардо Силва и погодокот од пенал од самиот норвешки напаѓач, откако “Црвените” поведоа со прецизен удар на Доминик Собослаи.
“Дали ова беше порака? Секако, погледнете ги емоциите на навивачите на крајот од натпреварот, беше неверојатно. Тие го заслужуваат тоа, бидејќи не поддржуваат од седмица во седмица и, да, навистина заслужија да ја видат оваа победа на ‘Енфилд’. Никогаш претходно не сум победил овде и неверојатно е да дојдеш и да оствариш победа за прв пат. Сите знаат дека не е лесно поради историјата што Сити и Ливерпул ја имаат во последната деценија. Позади сето тоа стои историја. Значи, секако, чувството е одлично. Но, тоа се три поени, едноставно е, не е важно дали играте против Тотенхем или некој друг. Сепак, разбирам на што мислите. Трката не е завршена додека не заврши,” изјави Халанд.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Напаѓачот, кој ја донесе победата на Манчестер Сити, беше критичен за сопствените изведби по божиќните празници. До сега има постигнато 28 голови и остварено 6 асистенции во 36 натпревари во сите натпреварувања од почетокот на сезоната, но ова му беше само вториот гол после Новата година.
Немам постигнато доволно голови од почетокот на оваа година, можеби така е, и знам дека треба да се подобрам. Свесен сум дека треба да бидам поостар, подобар во секоја насока и на тоа работам. Треба да продолжам да работам на тоа, бидејќи тоа го очекуваат сите. Не сакам да навлегувам во темата зошто мојот учинок е намален. Има многу натпревари. Погледнете го распоредот, не е лесно и за мене е важно да останам во форма, да не се повредам. Тоа е најважно. Ќе се обидам да бидам подготвен и да му помогнам на тимот.
По оваа победа Манчестер Сити повторно “дише зад вратот” на Арсенал, намалувајќи ја разликата на шест поени.