
Кевин де Брујне ќе биде големо засилување за шампионот на Италија, Наполи, кој влегува во новата сезона со големи амбиции. Целта е одбрана на Скудетото и значаен успех во Лигата на шампионите.
Во интервју за италијанскиот “Кориере дело спорт”, капитенот на репрезентацијата на Белгија ги истакна главните разлики помеѓу Пеп Гвардиола, со кој помина осум години во Манчестер сити и освои, меѓу другото, шест титули во Премиер лигата и една Лига на шампиони, и неговиот нов тренер, Антонио Конте.
Дејан Димовски: Скопје троши 700 литри вода дневно по жител | Уште еден поткаст ↓↓↓
„Би рекол дека станува збор за два сосема различни пристапи – Пеп е веројатно повеќе насочен кон контрола и посед на топката, додека Конте има повеќе структурирана игра и големо внимание посветува на менталитетот. Пеп работи повеќе на зонска поставеност. Постојат неколку разлики, но секој тренер има свои правила и карактеристики“, посочи Де Брујне.
Белгиецот исто така прокоментира за одличниот пречек во Наполи, каде што навивачите веднаш го нарекоја „крал“ и најавија големи очекувања од неговото доаѓање.
„Јас не сум крал, јас сум само фудбалер. Не обраќам премногу внимание на тие работи. Се трудам да ја вршам својата работа најдобро што можам, но секако, убаво е кога луѓето те ценат. Се надевам дека можам да ја продолжам својата одлична кариера“, нагласи Де Брујне.
Со новата сезона пред себе, во целосно нова околина и под раководство на уште еден успешен тренер, Кевин де Брујне јасно даде до знаење дека е уште гладен за трофеи – и покрај тоа што во кариерата веќе има освоено 25.