
Наполи ја започна сезоната на трансфери со амбиција да ја засили својата екипа која ја освои титулата во италијанскиот шампионат. Раководството на клубот му понуди на Кевин Де Брујн тригодишен договор во вредност од вкупно 27 милиони евра, објавуваат италијанските медиуми.
Белгискиот репрезентативец има договор со Манчестер Сити кој истекува на 30 јуни, по десетгодишна кариера во тимот. Тој во италијанскиот клуб би можел да пристигне како слободен играч, без отштета. За него интерес покажа американскиот клуб Чикаго Фајер од MLS лигата, а има и примамливи понуди од Саудиска Арабија.
Goblin Games - Индустријата за Board Games е во огромен подем! ↓↓↓
Де Брујн сака да остане во Европа по успешната деценија во Сити. Белгискиот офанзивен играч за врска пристигна во 2015 година од Волфсбург за сума од 75 милиони евра, што беше рекордна исплата за Сити тогаш. Од тој период, Белгиецот одигра 421 натпревар за Сити, постигна 107 голови и асистираше за 177.
Тој освои шест титули на англиска лига, една Лига на шампиони, два ФА Купа и пет Лига купа. По два пати беше прогласен за најдобар играч на сезоната од Премиер лигата и Асоцијацијата на фудбалски професионалци, а пет пати беше избран во тимот на сезоната на англискиот шампионат.