
Манчестер сити пред седумнаесет години беше на чекор да го доведе Лионел Меси, и тоа сосема случајно. Во хаотичните последни мигови од трансфер периодот во 2008 година, непосредно откако новиот сопственик од Абу Даби ја презеде екипата, испратена е понуда за аргентинската ѕвезда, и тоа поради неверојатно недоразбирање во телефонски разговор.
Иако подоцна под водство на Пеп Гвардиола, Сити повеќепати беше поврзуван со Меси, единствената официјална понуда беше испратена далечната 2008 година, во времето кога аргентинскиот мајстор сè уште немаше ја освоено својата прва Златна топка, а Сити беше далеку од денешната слава.
Како екраните влијаат на детскиот развој? Разговор со дефектолог
Сезоната 2008/09 започна катастрофално за Сити, со пораз од 4:2 од Астон Вила, што беше продолжение на срамниот пораз 8:1 од Мидлзборо на крајот од претходната сезона, пишува фудбалскиот портал Goal. Клубот беше на раб на финансиски колапс под водство на сопственикот Таксин Чинаватра, а новиот тренер Марк Хјуз беше збунет од затекнатата состојба.
Сè се промени на 1 септември 2008 година. Хјуз беше на голф кога го повика извршниот директор Гери Кук и го информираше дека клубот го купила Abu Dhabi United групата. Наскоро го опкружи екипа на Sky News. Сити одеднаш стана клуб со неограничени финансиски можности, а новите сопственици веднаш бараа „големо засилување“.
Проблемот беше во тоа што тоа беше последниот ден од трансфер периодот, а Сити сè уште беше со просечна репутација. „Само ме прашаа: ‘Кого сакаш?’ Испраќаа понуди речиси за секој врвен играч на светот“, рече Хјуз. „Но, луѓето забораваат дека Манчестер Сити тогаш беше клуб од средината на табелата. Не беа многу заинтересирани бидејќи играчите мислеа: ‘Кои сте вие?’“
„По низа одбивања, одеднаш се појави прилика за Робињо од Реал Мадрид. Тоа беше луд ден, испраќаа понуди за Лионел Меси и сè што беше замисливо! На крај, успеавме да го доведеме Робињо, што беше големо достигнување, а останатото е историја“, изјави Хјуз.
Понудата за Меси не беше дел од стратегија, туку бизарно недоразбирање. Гери Кук за The Athletic објасни како дошло до конфузијата за време на конферентскиот повик со Пол Олдриџ и Пајрој Пиемпонгсант, соработник на поранешниот сопственик.
„Пол со својот лондонски акцент зборуваше: ‘Пајрој, мораш да ми кажеш што правиме, ситуацијата излегува од контрола’. Пајрој, кој во тој момент беше на масажа, викаше: ‘Да, да, да! Многу е хаотично, хаотично е, станува хаотично (It’s getting messy)’. Нешто се изгуби во преводот и Олдриџ тоа го сфати како: ‘Треба да го доведеме Меси’“, раскажува Кук.
„Пол потоа ми се обрати и ми рече: ‘Гери, ова е збунувачко, не знам што правиме’. Му одговорив: ‘Испратете понуда, па да видиме што ќе биде’“, рече Кук. Според неговото кажување, Сити испратил понуда од 70 милиони фунти (околу 80 милиони евра). Други верзии на приказната спомнуваат сума од околу 30 милиони фунти (околу 34 милиони евра).
Тогаш Меси имаше 21 година и веќе беше светска ѕвезда во подем. Сепак, за Барселона понудата беше неразбирлива. „Следниот ден ме повика Дејв Ричардс од Премиер лигата: ‘Гери, дали вие испративте понуда за Лионел Меси? Седумдесет милиони фунти? Дали сте вие луди?’“, се потсетува Кук.
Тогашниот претседател на Барселона Жоан Лапорта наводно бил навреден од понудата, сметајќи ја за потценувачка. Помошникот на Хјуз, Марк Боуен, раскажува: „Претседателот им одговорил: ‘Кои сте вие, по ѓаволите? Мислите дека можете да ни го купите Меси? Нема шанси, тргнете се од патот’.“