
Македонската фудбалска репрезентација би можела да добие ново име во офанзивната линија токму во пресрет на бараж-натпреварите за пласман на Светското првенство во 2026 година.
Како потенцијално засилување се споменува напаѓачот на српски ТСЦ, Андреј Тодороски, кој викендов беше херој на својот тим со погодокот за минимална победа над ОФК Београд (1-0). Фудбалерот роден во Прилеп досега не беше во комбинација за настап за Македонија поради австриското државјанство и регулативите што не дозволуваат двојно државјанство, но ситуацијата би можела да се промени.
Воздухот што нè убива: Зошто Скопје е меѓу најзагадените градови?
По натпреварот во Белград, Тодороски јавно потврди дека веќе постоеле контакти со луѓе од македонскиот фудбал и дека не ја исклучува можноста да го облече дресот со државниот грб.
„Во комуникација сум со одредени луѓе од Македонија. Можно е во иднина да има убави вести, а тие би биле поврзани со настап за репрезентацијата“, изјави Тодороски за српските медиуми.
26-годишниот напаѓач од 2010 година живее и игра во Австрија, каде што ги мина младинските категории на Рапид Виена, а прв сениорски настап имаше во Фирст Виена. Вистинскиот подем во кариерата го доживеа по преселбата во Србија во 2021 година, кога заигра за Спартак, а од минатата сезона е стандарден член на ТСЦ.
Тодороски веќе има и еден настап за македонската репрезентација до 21 година – во 2018 година дебитираше против Црна Гора, но тој меч остана и единствен во дресот на „младите лавови“.
Во тековната сезона во српското првенство има 16 одиграни натпревари, при што запиша три погодоци и четири асистенции, бројки што дополнително ја зголемуваат надежта дека Македонија би можела да добие ново решение во нападот.