Во одредени хрватски медиуми утрината се појави информација дека најдобриот напаѓач на загрепски Динамо и репрезентативец на Хрватска, Бруно Петковиќ, бил претепан, но веднаш се огласи и самиот клуб со демант на овие наводи.
Загрепски Динамо утрово остро ги осуди медиумските натписи и демантираше дека се случил било каков физички напад врз Бруно Петковиќ, а особено дека не станува збор за никакво изнудување.
Претходно, хрватскиот весник Национал навел дека Бруно Петковиќ бил претепан, и дека веста била потврдена од повеќе извори блиски до полицијата. Наведуваат дека поради тоа не присуствувал на концерт два дена пред клучниот натпревар против Милан во Лигата на шампионите.
Време е за спектакл: Македонија - Белгија! ↓↓↓
Текстот од соопштението на загрепскиот клуб го пренесуваме целосно:
“GNK Динамо остро демантира невистинитите наводи објавени во медиумите, кои се однесуваат на нашиот играч Бруно Петковиќ. Најостро ги отфрламе и осудуваме инсинуациите за било каков инцидент, а особено за наводен физички напад или случај на изнудување на нашиот играч. Станува збор за апсолутна дезинформација која нема никаква врска со реалноста. Бруно Петковиќ е комплетно безбеден и целосно посветен на своите обврски во клубот и моментално се наоѓа во Болоња на дополнителни прегледи кај врвни стручњаци,” нагласува Динамо.
Од Максимир додадоа дека ваквите натписи штетат и на играчот и на клубот, и повикаа на одговорно известување на медиумите.
“Ваквите сензационалистички и неточни натписи носат штета не само на нашиот играч, туку и на GNK Динамо како клуб, како и на спортот во целина. Ги повикуваме медиумите на одговорно и професионално известување базирано на проверени факти, а не на непроверени информации кои шират невистини. GNK Динамо и Бруно Петковиќ ќе ги преземат сите потребни правни чекори за заштита на угледот на клубот и нашиот играч,” се заклучува во соопштението за јавност.
Петковиќ, потсетуваме, веќе долго време е повреден и нема можност да му помогне на својот тим во борбата за нокаут фазата на Лигата на шампионите. За жал, неговиот Динамо остана без пласман во нокаут фазата поради послабата гол-разлика.