
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, денеска го соопшти списокот на повикани играчи за престојните квалификациски дуели против Белгија и Казахстан, а веднаш потоа даде своја оценка за предизвиците што следуваат.
„Не очекуваат две сериозни средби, прво против Белгија, па потоа со Казахстан. Како и многупати досега, кога сме се соочувале со проблеми, оваа репрезентација умеела да одговори и да го даде максимумот. Убеден сум дека и овој пат ќе биде така“, изјави Милевски.
Goblin Games - Индустријата за Board Games е во огромен подем! ↓↓↓
Фокусот, според него, во моментов е целосно насочен кон првиот противник – селекцијата на Белгија, која важи за една од најсилните во Европа. „Станува збор за репрезентација која располага со исклучителен индивидуален и тимски квалитет. Секој играч што ќе настапи за нив претставува закана. Без разлика кој ќе биде на теренот, Белгија е ривал од највисоко ниво“, нагласи македонскиот селектор.
Милевски се осврна и на селекторските промени кај противниците, потенцирајќи дека откако е на кормилото на националниот тим, веќе пет до шест репрезентации се соочиле со тренерски смени. „Гарсија ги водеше Белгијците против Украина во баражот, а ние ги анализиравме тие натпревари. Играчите се тие – настапуваат во најсилните лиги, добро ги познаваме нивните квалитети“, вели Милевски, додавајќи дека стручниот штаб веќе има подготвен план и стратегија, но ќе треба да се процени кои играчи ќе можат целосно да ги исполнат задачите.
Како потенцијален адут за „црвено-жолтите“, Милевски ја спомена и соработката меѓу Елиф Елмас и белгискиот селектор Гарсија, кои дел од периодот го минаа заедно во Наполи. „Секоја информација ни е добредојдена, а Елмас може да ни пренесе корисни детали. Ќе го анализираме противникот до најситен детаљ“, заклучи селекторот.