
Милан и Интер постигнаа договор за купување на регионот на „Сан Сиро“, каде што се наоѓа и познатиот стадион „Џузепе Меаца“, и сега чекаат одобрување од Градскиот совет на Милано, информираат италијанските медиуми.
Градоначалникот на Милано Џузепе Сала денеска потврди дека гигантите од Серија „А“ се подготвени да го купат регионот и да изградат нов стадион. Се очекува Милан и Интер да платат околу 200 милиони евра за трансакцијата.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
Како што „Кориере дела сера“ веќе објави претходно ова лето, двата клуба планираат да изградат нов стадион во овој регион, што ќе вклучува делумно или целосно уривање на „Џузепе Меаца“.
Се очекува новиот стадион да има капацитет од 71 500 луѓе. Како сите современи стадиони, арената ќе биде активна цела недела, не само за денови на натпревари. Проектот вклучува изградба на канцеларии, хотели, медицински центар и трговски простори кои ќе го услужуваат регионот. Областа ќе има и зелени површини со 148 000 квадратни метри.
„Во среда ќе одиме во градскиот совет со резолуција за продажба на ‘Сан Сиро‘, бидејќи постигнавме договор со клубовите. Новиот стадион треба да биде готов до 2031 година, бидејќи УЕФА ни соопшти дека Милано нема да биде разгледувано како локација за Евро 2032, ако сегашниот „Сан Сиро“ остане“, изјави за ‘АНСА’ Сала, кој додаде дека продажбата на стадионот треба да биде одобрена до крајот на месецот.