
Ливерпул ја упати својата втора понуда до Баер (Леверкузен) за Флориан Виртц. Според Дејвид Орнштајн, понудата има вкупна вредност од 130 милиони евра (109 милиони фунти), во која се вклучени и бонусите. Фабрицио Романо додава дека во моментов двата клуба ја договараат структурата на дополнителните плаќања, и од “Енфилд” веруваат дека понудата ќе биде прифатена и зделката ќе биде склучена што е можно поскоро.
Според “Билд”, понудата од Ливерпул изнесува 100 милиони фунти во фиксна сума плус 10-12 милиони фунти во форма на бонуси. Така вкупната вредност на понудата достигнува околу 133 милиони евра. Во принцип Леверкузен бараше 150 милиони евра.
Финале во Лига на Шампиони: Младиот ПСЖ против искусниот Интер! ↓↓↓
Пред четири дена Ливерпул ја испрати својата прва понуда, која изнесуваше 100 милиони евра плус бонуси. Сепак, оваа понуда беше одбиена од управата на “аспирините”.
Самиот Виртц инсистира единствено на трансфер во Ливерпул, и тој ја донел својата одлука уште по средбата со менаџерот на “црвените”, Арне Слот, на 13 мај. Баерн (Минхен) исто така сакаше да го добие најдобриот играч на Бундеслигата, но тој им соопштил на челниците на Баварците дека го избрал клубот од Ливерпул. Неговото име беше поврзувано и со Манчестер Сити и Реал Мадрид.
Ако се реализира, овој трансфер ќе биде рекорден не само за Ливерпул, туку и за Премиер лигата. Во моментов, најскапото купување во Премиер лигата има вредност од 106 милиони фунти, што Челси ги плати на Бенфика за Енцо Фернандес.