
Реал на својот терен го победи Атлетико со 2:1 во првото мадридско дерби од осминафиналето на Лигата на шампионите. Домаќините ги доведе во водство Родриго во 4. минута. Израмни Јулијан Алварез во 32. минута. Гол за победа на Реал на Бернабеу постигна Брахим Диаз во 55. минута. Вториот натпревар е следната среда на Метрополитано.
Лука Модриќ влезе во игра во 62. минута на местото на недоволно рехабилитираниот и слаб Едуардо Камавинга и блесна. Иако играше само половина час, новинарите од водечките шпански спортски медиуми истакнуваат дека хрватската легенда на Реал воспоставила рамнотежа при иницијативата на Атлетико и ја зачувала победата на домаќините.
Ас во текстот во кој описно ги оценува играчите вака пишува за настапот на Модриќ: „Штом влезе, го презеде кормилото на екипата на центарот на поле. Имаше 50 точни додавања од исто толку обиди за само половина час на теренот. Уште едно мајсторско дело или магистерски труд на генијалецот од Задар.“
Модриќ го пофали и Марка, која во извештајот од натпреварот пишува: „Анчелоти го воведе Модриќ бидејќи тој е незаменлив кога станува збор за чување на топката. Сепак, Атлетико одговори преку Гриезман и само Куртоа со чудесна одбрана го спаси Реал. Настана двоумење и се чекаше некој да го одлучи натпреварот. Тоа беше Модриќ, кој владееше со теренот во завршницата. На крајот, Атлетико беше среќен што не прими и трет гол.“
Модриќ (39) оваа сезона 41 пат настапи за Реал, но од првата минута одигра само 18 натпревари. Сега, со 23. влез од клупата, импресивно покажа колку придонесува за тимот и со поскромна минутажа. Неговиот учинок од натпреварот против Атлетико стана вирален. Љубителите на фудбалот ги делат на социјалните мрежи во неверување за тоа на што е способен толку стар фудбалер за толку малку време во игра, и тоа против многу силен противник.
Статистиката на Модриќ сведочи дека за 28 минути имаше 56 допирања со топката, два клучни паса, еден удар, 1/1 освоени дуели и долги топки, една украдена топка и ниту една грешка. Освен наведеното, особено фасцинира со совршената игра за додавање. Од 50 додавања, колку што се обиде, секој пат ја доставуваше топката на соиграчите.