
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа успешно го стартуваше настапот на ВТА 125 турнирот во Мадрид, откако славеше убедлива победа над Јапонката Сара Саито со 2-0 во сетови (6:4, 6:4) по час и половина игра.
Во следната рунда, Ѓорческа ќе се соочи со осмата носителка, Русинката Алина Корнеева, која исто така со максимални 2-0 (6:3, 6:3) ја елиминираше Шпанката Марија Гарсија.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Мечот започна со нестабилна игра на двете страни, па и двете тенисерки рано загубија по два сервис-гема. Сепак, македонската претставничка успеа да се наметне и да поведе со 4:3, а иако Саито намали на 5:4, Ѓорческа во клучниот момент покажа сигурност и по долга размена од 14 поени ја искористи четвртата брејк-топка за водство од 1-0 во сетови.
Во вториот сет се играше изедначено до 3:2 за Ѓорческа, по што следуваше серија од брејкови на двете страни. Македонската тенисерка не ја искористи првата меч-топка на свој сервис во деветтиот гем, но во завршницата беше сигурна и со нов брејк го затвори сетот со 6:4 за конечен триумф.
Турнирот во Мадрид се игра за награден фонд од 100.000 евра.