
Тренерот на фудбалерите на Барселона, Ханси Флик, изјави дека неговите играчи мораат да играат подобро во одбраната на реванш мечот во полуфиналето од Лигата на шампионите против тимот на Интер, за кој смета дека веќе го покажа својот квалитет и искуство во првиот натпревар, кој заврши нерешено.
“Не започнавме добро. Примивме два гола, но потоа се вративме. Мораме подобро да се браниме. Тие покажаа дека се одличен тим со многу искуство. Искористија прекини. Ова е полуфинале во Лигата на шампионите и најдобриот тим опстанува. Интер е многу добар и цврст”, рече Флик, а пренесе сајтот на клубот.
Од семејна традиција до модерен бренд ↓↓↓
Барселона на својот терен одигра нерешено против Интер 3:3, во првиот меч од двомечот полуфинале на Лигата на шампионите.
Флик изјави дека смета дека неговите играчи дадоа сè од себе и дека можат да бидат горди на својот настап.
“Дадоа сè од себе и можеме да бидеме горди. Игравме добро, го следевме нашиот стил на игра и се извлековме после двата примени гола”, додаде Флик.
Тренерот на Барселона ја пофали играта на нивниот напаѓач Ламин Јамал.
“Ни го покажа патот, беше многу важно што го намали водството на Интер на 1:2. Тој е фантастичен играч и неговиот квалитет се препознава во битните натпревари. Одлично е да го имаме овде”, рече Флик.
Реванш натпреварот е на програмата во вторник во Милано, а победникот од овој двомеч ќе игра во финалето на Лигата на шампионите против подобриот од дуелот помеѓу Пари Сен Жермен и Арсенал.
“Нè очекува реванш натпревар и мораме да победиме во него. Тоа е финале пред финалето. Имаме 90 минути да стигнеме до финалето, тоа ни е целта. Имаме шанса”, изјави тренерот на Барселона.