
Шпанскиот фудбалски стручњак Чаби Алонсо (43), за кого некои медиуми шпекулираа дека ова лето ќе го преземе Реал Мадрид, останува на чело на Баер Леверкузен, објавија во понеделникот британските медиуми.
Ситуацијата ја коментираше и спортскиот директор на “Фармацевтите” Симеон Ролфес.
Анде Јанков - македонски автор: Тајните на пишување добар крими роман!? ↓↓↓
„Алонсо останува со нас, има валиден договор. Ми рече дека приказните за трансфер во Реал немаат основа“, изјави спортскиот директор на “Фармацевтите” Симеон Ролфес.
Поранешниот шпански репрезентативец ја заврши богатата играчка кариера во 2017 година во Баерн. Играл уште за Реал Сосиедад, Ливерпул и Реал Мадрид.
Две години по пензионирањето започна со тренерска работа. Најпрвин беше тренер на Б екипата на Реал Сосиедад, а во 2022 година ја презеде улогата на тренер во Баер Леверкузен. Во последните две сезони “Фармацевтите” под негово водство играат убав и успешен фудбал, а договорот му важи до крајот на јуни 2026 година.
Минатата сезона клубот за прв пат во својата историја ја освои Бундеслигата, а на тоа го додаде и германскиот куп. Исто така, играа во финалето на Лига Европа, каде загубија од Аталанта со 0:3. И оваа сезона “Фармацевтите” се многу успешни. Во Лигата на шампиони стигнаа до осминафиналето каде беа елиминирани од Баерн, а во домашното првенство седум кола пред крајот го држат второто место и заостануваат шест бода зад водечкиот Баерн.