
За време на кариерата, настапуваше и за Атлетико Мадрид, Барселона, Лион, Манчестер Јунајтед и ПСВ.
Холандската фудбалска ѕвезда Мемфис Депај (32) продолжува да привлекува внимание во Бразил, каде од септември 2024 година го носи дресот на Коринтијанс. Депај е речиси во секој натпревар во фокусот, од разни причини. Пред неколку дена, тој беше во центарот на вниманието заради спектакуларниот гол кој го постигна против тимот на Нејмар, Сантос.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Сепак, во неделата повторно беше во центарот на вниманието кога за време на натпреварот против Фламенго користеше мобилен телефон додека седеше на резервната клупа. Депај започна како стартер против Фламенго, но во 22-та минута беше заменет поради повреда, па се упати во соблекувалната.
На почетокот на второто полувреме се врати на клупата и во еден момент го зеде телефонот и разговараше неколку минути. Тоа продолжи додека не му пријдоа преставниците на Коринтијанс и го замолија да го тргне мобилниот.
По инцидентот, Депај на социјалните мрежи ги објасни своите причини, потенцирајќи дека разговарал со медицинскиот тим на холандската репрезентација за да ги информира за новостите.
“Само да разјаснам, мојата интеракција со мобилниот беше исклучиво за да комуницирам со медицинскиот тим во Холандија. Се вратив на клупата за да ја поддржам екипата, иако можев да останам во соблекувалната поради повредата”, напиша тој.
Во 76 настапи за Коринтијанс, Депај постигна 20 голови. Карактеристично во неговата кариера е што тој настапуваше и за клубови како Атлетико Мадрид, Барселона, Лион, Манчестер Јунајтед и ПСВ.
Во националниот дрес на Холандија има собрано 108 настапи и постигнал 55 голови. Веќе долго време е најдобар стрелец во историјата на холандската репрезентација.