
Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, ќе се обиде да го освои својот втор сериозен трофеј откако го води клубот. Во недела, лондонците ќе се соочат со Манчестер Сити на финалето од Лигата на лигите. Артета нема пораз како играч и како тренер на натпревари на ‘Вембли’.
“Возбуден сум, ентузијаст сум. Победував на полн ‘Вембли’, и тоа е еден од најубавите мои спомени како играч. Знаеме што е заложено,” изјави Артета. Запрашан дали ова е почетокот на нова ера за Арсенал, тој одговори: “Многу работи треба да направиме за да можеме да ги користиме тие зборови. Возбудени сме од тоа што го правиме. Треба да продолжиме.”
Street Workout Macedonia – Движење што гради сила, карактер и издржливост | Уште еден поткаст
На прашањето дали притисокот е поголем врз Арсенал, отколку врз Манчестер Сити, шпанецот изјави: “Кога си во оваа позиција и немаш освоено трофеј со години, тоа ја зголемува потребата за него, но и повеќе те мотивира. Важно е за нас и е нешто што се обидуваме да го постигнеме некое време.”
Артета зборуваше и за односите со Пеп Гвардиола: “Тој е во Манчестер, јас сум во Лондон. Никогаш не сме заедно, не можеме да поминуваме време заедно. Моите чувства кон него не се промениле. Тоа е важно, но не најважно. Тоа што тој направи за мене, инспирација е за мене, и тоа никогаш нема да се промени. Не сум зборувал со него оваа недела. Во недела дефинитивно ќе зборуваме.”