
Англиската Премиер лига, заедно со шпанската Ла Лига, поради најдобриот УЕФА коефициент, обезбеди пет места во Лигата на шампионите за сезоната 2025/26.
Во новиот систем на натпреварување, откако Лигата на шампионите се прошири од 32 на 36 клуба, две дополнителни места секоја сезона им се доделуваат на лигите со најдобар коефициент. На тоа правило минатата година профитираа Болоња и Борусија од Дортмунд, кои како петти во Серија А и Бундеслигата добија директен пласман во елитата.
Од семејна традиција до модерен бренд ↓↓↓
Сега англиската и шпанската лига добија право на пет претставници, а според сегашните позиции, Англија следната сезона во Лигата на шампионите ќе има дури шест!
Познато е дека освојувачот на Лигата на Европа оди директно во Лигата на шампионите, а би требало да се случи сериозно чудо за во финалето на тоа натпреварување да не се најдат Манчестер јунајтед и Тотенхем.
Јунајтед синоќа во Билбао го победи Атлетик со 3:0 во првиот меч од полуфиналето, додека Тотенхем во Лондон го совлада Боде Глимт со 3:1. Реваншите се следниот четврток.
Во Премиер лигата Манчестер јунајтед е на 14. место на табелата, додека Тотенхем на 16. позиција и јасно е дека тие не можат да ја завршат сезоната во првите пет екипи, па тоа ѝ отвора пат на Англија да влезе во историјата со шест клуба во Лигата на шампионите.
Финалето на Лигата на Европа се игра на 21 мај во Билбао.
Фото: Premier League/FB