
Тошисуке Каназава има 90 години и сè уште излегува на натпреварувачката сцена. Јапонскиот бодибилдер го освои шестото место во мастерс-категоријата за натпреварувачи над 50 години на Светското првенство во бодибилдинг и фитнес во шпанска Санта Сузана.
На шампионатот учествуваше со покана, рамо до рамо со противници кои се децении помлади од него. Неговиот настап беше поздравен со силен аплауз од публиката, а најстариот активен бодибилдер во Јапонија покажа дека натпреварувачките амбиции не го напуштиле.
За Асошиејтед прес објасни дека го води желбата да направи нешто што никој претходно не го постигнал и дека сака бодибилдингот да остане дел од неговиот живот до самиот крај.
Неговата шампионска приказна почнала пред повеќе од шест децении. Роден е на 29 август 1936 година во префектурата Јамагучи. Пред бодибилдингот се занимавал со пливање, а со тренинзите за овој спорт почнал во студентските денови во Хирошима.
Во 1960 и во 1963 година станал првак на Јапонија. Две години по втората титула се повлекол од натпреварите и отворил сопствена вежбалница. Враќањето на сцената дошло кога наполнил 50 години: незадоволен од одразот во огледалото, решил повторно да го изгради своето тело.
Оттогаш редовно тренира и се натпреварува. Во август ја освои својата 17-та јапонска титула во мастерс-конкуренција, а потоа стигна и до шестото место на светскиот собир.
Каназава ја поврзува својата долговечност со традиционалната јапонска исхрана, на која се придржува од 50-годишна возраст. Во неговото мени најчесто има кафеав ориз, нато — ферментирана соја — и мисо-супа. Тој вели дека токму таквата исхрана му помогнала да го зачува здравјето.
Ниту 90-тиот роденден не е знак за конечно повлекување. Каназава размислува за уште еден настап на 93 години, по кој веројатно би ја завршил натпреварувачката кариера. Дотогаш сака со својот пример да ги охрабри и другите повозрасни луѓе да останат физички активни.
Фото: Index.hr