
Марија Вуковиќ ги замени атлетските натпреварувалишта со евролигашките трибини. Најдобрата атлетичарка на Балканот за 2026 година беше во Атина и го поддржа Олимпијакос во победата над Олимпија Милано со 84:78.
Скокачката во висина го следеше натпреварот со својата блиска пријателка Ѓурѓина Ѓокиќ, поранешна кошаркарка на Црвена звезда. Со фотографиите од салата, Вуковиќ покажа дека нејзините симпатии се на страната на црвено-белите од Пиреја.
Зад Вуковиќ е година со низа успеси: бронза на Европското првенство, одбрана на златниот медал на Медитеранските игри и балкански титули и на отворено и во сала. Тие резултати ѝ го донесоа и признанието за најдобра атлетичарка на Балканот за 2026 година. Периодот пред почетокот на подготовките за следната сезона го користи и за одмор, а во Атина се врати по неодамнешната посета на Острог.
И нејзината придружничка има интересна спортска приказна. Ѓокиќ ја почна кошаркарската кариера во Црвена звезда, освои две државни титули и Куп, а за младите селекции на Србија настапуваше на европските првенства до 16, до 18 и до 20 години.
Повредите ја принудија рано да заврши со кошарката, но не и со спортот. Се насочи кон атлетиката и трчањето на долги патеки, следејќи го примерот на својот татко Љубиша Ѓокиќ, освојувач на три медали на балканските првенства и бројни одличја на државните натпреварувања. Неодамна престојуваше и во Њујорк, каде што покрај одморот тренираше со атлетичарката на Црвена звезда, Ива Косановиќ.
Двете пријателки овојпат имаа причина за задоволство на трибините. Олимпијакос со победата стигна до биланс од седум победи и два пораза и се израмни со Панатинаикос на врвот на Евролигата. Коди Милер-Мекинтаер постигна 24, а Саша Везенков 23 поени за победничкиот тим.
Натпреварот се играше во „СУНЕЛ арена“, домот на атински АЕК, кој Олимпијакос привремено го користи додека трае реновирањето на „Салата на мирот и пријателството“.
Фото: Telegraf