
Седум тројки и 31 поен – Кристијан Браун имаше вечер за паметење во третата победа на Денвер сезонава. Нагетс го совладаа Финикс со 127:120, а тренерот Дејвид Аделман по натпреварот имаше многу причини за задоволство од кошаркарот кој го постави својот поентерски рекорд во кариерата.
За Аделман, бројките не биле единственото што ја издвоило партијата на Браун. Уште поважна му била сигурноста со која тој играл и шутирал. Тренерот ја нагласи неговата работна етика и професионалност, потсетувајќи дека зад него е и враќање по повреда. Позитивна оценка добија и неговите досегашни четири настапи, особено шутот.
Во нападот на Денвер, Никола Јокиќ ги разигруваше Браун и Џамал Мареј, но Аделман клучен дел од објаснувањето за победата го најде и на другата страна од теренот. Според него, тимот по паузата подобро го бранел пик-ен-ролот, со поголема агресивност и високо кренати раце.
Финикс во првото полувреме создавал проблеми со брзото префрлање на топката од една на друга страна. Денвер, сепак, успеал да ги направи потребните корекции, да дојде до предност и да ја задржи до крајот.
Аделман бара од играчите да не ги пропуштаат отворените позиции за шут. Тој објасни дека, додека Кем е надвор од тимот, кошаркарите мора да преземат одговорност кога ќе останат сами. Притоа направи разлика меѓу шутирањето на тренинг и одлуките што треба да се носат во натпревар.
Зборуваше и за Тревон Бразил, кај кого ги истакна одразот, должината и физичките способности. Иако во почетокот темпото му создавало тешкотии, во второто полувреме оставил подобар впечаток, а тренерот посебно ги издвои неговите три скока.
Аделман порача дека за адаптацијата на младиот кошаркар ќе биде потребно трпение. Воедно, тој го очекува и враќањето на дел од отсутните играчи во следниот период.
Фото: Telegraf