Дома Фудбал Во Баерн нема отстапки: Компани не смее ни да зборува за фудбал!

Во Баерн нема отстапки: Компани не смее ни да зборува за фудбал!

Во Баерн нема отстапки: Компани не смее ни да зборува за фудбал!

За Винсент Компани фудбалот засега мора целосно да запре. Во Баерн воведоа строг режим за опоравувањето на својот тренер: неговите соработници не смеат да разговараат со него за екипата, тактиката или подготовките за натпреварите, дури ни кога тој самиот ќе почне таков разговор.

Четириесетгодишниот Белгиец минатиот петок колабирал додека следел тренинг на вториот тим на Баерн. Итно бил пренесен во болница, каде што му бил дијагностициран менингитис, односно воспаление на мозочните обвивки. Во средата бил пуштен на домашно лекување, со препорачани одмор и терапија со лекови.

Додека Компани закрепнува, екипата ја води неговиот помошник Арон Денкс. Токму тој, пред дербито со Борусија Дортмунд, објасни дека клупското раководство не дозволува никакви отстапки кога е во прашање здравјето на тренерот.

Денкс посочи дека Макс Еберл и Кристоф Фројнд му дале јасни инструкции да ги избегнува сите фудбалски теми во комуникацијата со Компани. Единствениот приоритет на Белгиецот во овој период треба да бидат закрепнувањето и времето со семејството. Во клубот сакаат тој да се врати на работа целосно здрав, а не да продолжи со обврските пред да биде подготвен.

Ваквата претпазливост доаѓа и по информациите дека Компани претходно не си дозволувал доволно одмор. Според „Билд“, тој продолжил да работи и покрај вирусна инфекција, а доцните видеоанализи и подготовките за натпреварите често биле на сметка на спиењето.

Баерн во сабота од 18:30 часот ја пречекува Борусија Дортмунд во дербито на германското првенство. Потоа следува гостување кај Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите, на кое исто така не се очекува присуство на Компани. Датум за неговото враќање на клупата сè уште нема.

Белгискиот стратег го презеде Баерн во летото 2024 година и освои две шампионски титули во двете сезони, а минатата сезона го додаде и германскиот Куп. Во Лигата на шампионите стигна до полуфиналето, каде што баварците беа елиминирани со вкупни 6:5 од ПСЖ, подоцнежниот европски првак.

Фото: Index.hr

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Од шампион до човек што го воскресна Хајдук: Приказната за Шиме Подује

Со Хајдук освои две титули, а во воените години организираше 14 фудбалери да стигнат на Ви…