
Спортскиот директор на Интер, Пиеро Аузилио, ги коментираше гласините во каталонските медиуми дека дефанзивецот на тимот, Алесандро Бастони, е главната трансфер цел на Барселона за зацврстување на одбраната летово.
Тој исто така ги повика своите колеги од “Камп Ноу” да му се јават, ако навистина се заинтересирани за италијанскиот репрезентативец.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
“Бастони има договор со Интер и во моментов не мислам дека постојат околности кои би укажувале дека тој ќе го напушти клубот. Не знам што пишуваат каталонските медиуми. Но, знам дека ние сме задоволни од Бастони и од неговиот придонес за Интер. Убеден сум дека има уште многу што да понуди на тимот. Ако, сепак, има интерес за Бастони, тие знаат на кој број да се јават. Нека го сторат тоа, наместо да зборуваат”, коментираше Аузилио за време на спортска церемонија во “Коверчано”.
Шефот на “нероазурите” исто така ги разгледа информациите за нивниот интерес кон новопечениот италијански репрезентативец Марко Палестра, кој се истакнува со својата игра во Калјари, каде што игра на заем од Аталанта. “Тој е одличен фудбалер и би можел да одговара на многу екипи. Во моментов, сепак, тој припаѓа на еден силен клуб со визија и проект, каков што е Аталанта. Убеден сум дека ќе стане важен играч прво за Аталанта, а потоа сè ќе зависи од движењата на пазарот и од иднината на ова момче, кое навистина поседува големи квалитети”, изјави тој за 21-годишниот играч.