Стана реалност она од кое навивачите на Минхен 1860 се плашеа – ништо од лиценцата за трета лига! Славниот клуб е на раб на целосна пропаст, односно комплетен „ресет“. Минатата недела „Лавовите“ испаднаа од „Цвајте“ после 13 години, откако во баражот беа надиграни од Регенцбург.
Некогашните шампиони на Германија од 1966 и финалисти во Купот на победниците на куповите, односно двојни освојувачи на DFB купот, не ги исполнуваат условите за добивање лиценца за трет ранг на натпреварување. Како што тоа бидува во сериозните држави, на германскиот фудбалски сојуз не му паѓа на памет да му прогледа низ прсти на славниот клуб и им понуди спогодба – можете да играте, но лиценцата ќе ве чини 10 милиони евра. Финансиер и мнозински сопственик на клубот е јорданскиот милијардер Хасан Исмаик, кој имаше рок до вчера, 15:30 часот, да се изјасни. И типот донесе одлука: Не играме во трета лига!
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Неколку стотици најпосветени навивачи на Минхен 1860 чекаа повеќе часа пред канцелариите од контроверзниот шеик за конечен одговор, за соопштувањето на конечната одлука да го проследат со сочни навреди. Немаше поголеми инциденти, бидејќи беше присутна и полицијата.
Шампионски поздрав од дното
На Минхен 1860 сега му претстои борба за лиценца во четвртата, аматерска лига, но како што тргнале работите, прашање е дали и таа ќе ја добие. Во секој случај, германските медиуми сметаат дека реалност е петтата лига. Добра вест за навивачите – ако после оваа негова одлука тоа може да се нарече добра вест – е дека Хасан Исмаик ќе остане во клубот. Тој во своето официјално соопштение до јавноста порача дека останува мнозински сопственик на клубот (поседува 60% од акциите, но само 49% гласачко право, поради познатото правило 50+1 кое важи во Германија) и ќе продолжи да го помага Минехн на финансиски план.
Потсетуваме, Јорданецот чие богатство се проценува на околу 4 милијарди долади, од доаѓањето во клубот во 2011 вложи околу 60 милиони евра, главно неплански, поради што не успеа да исполни речиси ниту едно од своите ветувања. Најважно од нив, секако, беше враќање во Бундеслигата. А сега, како што тврдат експертите, испаѓањето од „Цвајте“ на Исмаик ќе му дрпне од џебот уште околу 15-20 милиони евра, бидејќи Минхен ќе изгуби многу спонзори.
Беше објавено и дека „Лавовите“ се селат од Алијанц арената и дека од наредната сезона – независно дали ќе бидат четврта или петта лига – ќе играат на својот стар стадион на кој ги дочекуваа противниците до 1995 година – Гринвалдер, кој има капацитет од 12.500 места.