Македонското Основно јавно обвинителство излезе со детали за вчерашниот инцидент кој се случи со бугарските навивачи во Чаир, при што еден навивач беше прободен со остар предмет и заврши на болница.
Во суштина тоа беше само еден од неколкуте инциденти кои вчера го одбележаа фудбалскиот дуел меѓу Шкупи и Левски од Софија во рамки на второто квалификациско коло од УЕФА Конференциската лига.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Обвинителството пренесува дека бугарски навивачи со две возила се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, при што влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани, која преминала и во физичка пресметка. Потоа, бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти.
При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил прободен со остар предмет во стомакот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба, надвор од животна опасност.
„Со цел утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Освен тоа, обезбедени се видео записи од околните објекти и од камерите на системот ‘Безбеден град’. Се преземаат и други дејствија“ – информираа од обвинителството.
За инцидентот се огласи и МВР информирајќи дека е утврден идентитетот на поголемиот дел од напаѓачите и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
„Во врска со физичкиот напад врз четирите бугарски државјани, за кој во 18.38 часот е пријавено дека се случил на ул.„Цветан Димов“, при што бил употребен и остар предмет до кој бугарскиот државјанин Д.А. се здобил со тешки телесни повреди, по преземени мерки и активности утврден е идентитетот на поголемиот дел од напаѓачите и се расчистува случајот, по што ќе бидат поднесени пријави. Повредениот Д.А. бил пренесен во ГОБ „Св.Наум Охридски“ и е во стабилна состојба“ – велат од МВР.
МВР, исто така синоќа иноформираше дека приведени се 19 навивачи од Република Бугарија, поради нарушување на јавниот ред и мир, пред и за време на натпреварот. Од нив, осум лица за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив. Приведени се и двајца навивачи на Шкупи за нарушување на јавниот ред и мир.