
Во Сплит, полицијата имаше полни раце работа пред натпреварот помеѓу Хајдук и Ајакс, спречувајќи поголеми инциденти меѓу навивачките групи. Приведени се вкупно 32 лица, од кои 19 се навивачи на холандскиот Ајакс, а 13 се приврзаници на домашниот клуб Хајдук.
Според соопштението на полицијата во Сплитско-далматинската област, во средата вечерта биле спречени потенцијални судири на неколку локации во градот. Полицијата брзо реагирала откако забележала групи навивачи со забранети предмети.
При претресот и апсењето, кај осомничените биле пронајдени и одземени неколку ножеви, телескопски палки, склопиви и дрвени палки, голема количина камења, заштитни гуми за заби, маски и балаклави за прикривање на лицето, како и повеќе пиротехнички средства.
Сите приведени навивачи се однесени во полициските простории за спроведување на криминалистичка истрага. Тие се подложени на обработка поради сомневање за прекршоци според Законот за спречување на нереди на спортски натпревари, а против некои се водат и истраги за кривични дела.
Полицијата во Сплит продолжува со засилени активности и обезбедување во градот за да се обезбеди безбедноста на сите граѓани и посетители пред натпреварот.