Здружението на кошаркари од првата лига на Македонија го искажа своето незадоволство и постави ултиматум до првиот човек на кошарката, Перо Антиќ.
Кошаркарите бараат сезоната да започне или Антиќ да си поднесе оставка.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
„Клубовите од кошаркарската Прва лига се максимално разочарани и пред сѐ револтирани што иако веќе се ближи крајот на октомври, првенството сѐ уште не е почнато, поради што штета трпиме сите. Не можеме да сфатиме како во цела Европа може да се игра кошарка, некаде дури и со публика, а во Македонија може да се игра фудбал, ракомет, одбојка, додека само кошаркарските тимови сѐ уште мора да седат со празни раце.
Овој податок треба да биде срамен за челните луѓе на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), бидејќи тие излегуваат далеку понеспособни во однос на своите колеги од останатите федерации. Тие, без разлика на начинот, успеале се изборат за адекватен третман во ова време на пандемија, со правилни протоколи кои навреме се испратени и усвоени, додека вие, господа од Куќата на кошарката, не направивте апсолутно ништо. Бидејќи ако го сработевте тоа за што сте избрани и платени, ние сега ќе зборувавме за натпреварите и случувањата на теренот, наместо да се бориме за гола егзистенција. Клубовите се најголеми губитници во оваа ситуација, а веднаш потоа и кошаркарите, кои ако нема првенство би можеле да останат без својата егзистенција.
А, токму нивната заштита треба да биде приоритет за КФМ, но конкретна и адекватна на ситуацијата, а не само со зборови, кои им немаат вредност. Поради сето ова, од Перо Антиќ, како прв човек на македонската кошарка и од неговите најблиски соработници, бараме најдоцна до среда да излезат со конкретно решение за тоа кога би почнало првенството во Првата лига и на кој начин – нормално или турнирски. Во спротивно, само ќе ја потврдат својата неспособност, поради што ќе побараме од нив да си поднесат оставки и да остават простор на нивно место да дојдат поспособни кошаркарски работници. Работата е „нож до коска“. Време за чекање нема. Сите сакаме да има кошарка. И ние клубовите, самите кошаркари и спортската јавност. Господине Антиќ, вие сте на потег. Решете го проблемот до среда или – одете си од КФСМ!
Здружение на прволигаши“