Македонската ракометна репрезентација имаше фантастичен старт на Европското првенство и веќе се пласира во следната фаза после првите две победи против Словенија и Црна Гора.
Капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров истакна дека е задоволен од стартот и дека би „потпишал за реми против Германија“.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Ова е одличен почеток за нас на едно европско првенство. Од два натпревара имаме две победи, и тоа против квалитетни противници како Словенија и Црна Гора. Одигравме два тешки натпревара, во кои во сите 60 минути не се знаеше победникот, односно се одлучуваше во последните мигови. Тоа ми дава надеж дека на последниот меч ќе настапиме со уште поголема самодоверба“, изјави Лазаров и додаде:
„Знаеме со кого играме, Германија е европски шампион, можеби и најквалитетната и најдобра по ростер репрезентација во овој момент на ЕП. Меѓутоа, ни дава право да се надеваме гледајќи го мечот вчера со Словенија и она што се случуваше, дека може да се игра и против една таква Германија и воопшто не треба да се плашиме од името на противникот, туку, напротив, да ја играме нашата игра. Што се однесува до самиот меч со Германците, имаме нерешено од Ниш пред 6 години, тоа е позитивен резултат. Потпишуваме веднаш за нерешено против нив“, заклучи капитенот.
Стојанче Стоилов на брифингот со новинарите изјави дека очекува голема борба утре против Германија.
„Имаме два натпревара, две победи. Пред да дојдеме тука, рековме дека ќе одиме чекор по чекор, без еуфорија, без ветувања. Одигравме супер тежок натпревар со Словенија и го добивме, одигравме тежок натпревар со Црна Гора, исто така го добивме. Се наоѓаме во многу добра позиција, играме со шампионот на Европа во следното коло, Германија, која важи за голем фаворит. Се надевам дека ќе одиграме како досега, борбено и максимално. Одбраната ни е главно оружје на ова првенство и ако ни се отвори шанса, да изненадиме, ако не – здравје“, изјави Стојанче Стоилов.