
Легендарниот шведски фудбалер Златан Ибрахимовиќ ја сподели приказната за Франческо Камарда, 17-годишниот напаѓач на Милан кој е позајмен на Лече, а вчеравечер го постигна својот прв гол за сезоната. Ибрахимовиќ на Инстаграм објави дел од разговорот од 2019 година кога му напиша пораката тогаш анонимен 11-годишник.
“Јас сум Италијанец и голем обожавател на Милан. Ти си голем шампион. Благодарам што дојде во Милан. Сакам да те запознаам, ти си мојот херој. Играм во Милан и моето име е Франческо Камарда”, напиша момчето на Ибрахимовиќ кон крајот на 2019 година.
ТОП 11 МАКЕДОНСКИ ЈАВНИ ЛИЧНОСТИ - *Football Edition*
Заедно со сликата од разговорот, Ибрахимовиќ објави и фотографија од Камарда кој вчеравечер го даде израмнувачкиот гол за Лече во судиското продолжување на натпреварот во Серија А против Болоња, кој заврши 2:2. “Сега сите го знаат твоето име, не само јас”, изјави Ибрахимовиќ.
Да потсетиме, Камарда во ноември 2023, на само 15 години, осум месеци и 15 дена, стана најмладиот дебитант во историјата на италијанското првенство. Претходниот рекордер беше Висдом Ами, кој во 2021 под раководство на покојниот тренер Синиша Михајловиќ дебитираше за Болоња со 15 години, девет месеци и еден ден.