
Зад тврдењето дека Диего Армандо Марадона бил погребан без срце стои приказна за медицински испитувања, но и за необичен план на група навивачи. Деталите ги изнесе аргентинскиот невролог и новинар Нелсон Кастро во ноември 2021 година.
При претставувањето на книгата „Здравјето на Диего: Вистинската приказна“, Кастро зборуваше за здравствената состојба на легендарниот фудбалер, наодите од обдукцијата и околностите во кои починал.
Според неговото сведочење, екстремни навивачи на Гимназија и Есгрима Ла Плата подготвувале упад со намера да го земат срцето на Марадона. Кастро посочи дека замислата не била спроведена, бидејќи станувало збор за исклучително сложен потфат.
Тој тврдеше и дека властите добиле сознанија за можен таков обид. Како што објасни, тоа било една од причините срцето да биде задржано по обдукцијата, наместо да биде погребано со телото.
Задржувањето на органот имало и медицинско значење. Кастро нагласи дека неговото испитување било важно за утврдување на причината за смртта, а притоа ја изнесе и информацијата дека Марадона бил погребан без срце.
Аргентинската фудбалска легенда почина на 25 ноември 2020 година, на 60-годишна возраст.
Фото: Република