Дома Моторспорт Вештачката интелигенција влегува во трката за идните Ф1 болиди

Вештачката интелигенција влегува во трката за идните Ф1 болиди

Како ќе изгледаат идните болиди во Формула 1 и дали ќе овозможат подобри трки? Во потрагата по тие одговори, ФИА ќе добие технолошка поддршка од Амазон веб сервисис (AWS), со поголема употреба на вештачка интелигенција и напредни аеродинамички симулации.

Новото партнерство ги опфаќа вештачката интелигенција, машинското учење и облачната инфраструктура. Целта не е компјутерот самостојно да осмислува болиди, туку инженерите побрзо и попрецизно да ги проверуваат решенијата врз кои ќе се темелат идните правила.

Во средиштето е виртуелниот воздушен тунел на ФИА. Преку компјутерска динамика на флуиди, позната како CFD, се испитува однесувањето на воздухот околу дигитални модели на болиди. Така може да се процени, на пример, колку аеродинамички потисок губи автомобилот кога следи друг болид и дали предложените правила го создаваат посакуваното тркање.

Иако актуелниот правилник е во својата прва година, веќе се работи на можни нови болиди и мотори за 2030 година. Податоците од патеката, воздушниот тунел и компјутерските симулации треба меѓусебно да се надополнуваат при подготовката на тие решенија.

Заменикот технички директор на ФИА за Формула 1, Доминик Харлоу, објаснува дека моделите со вештачка интелигенција би можеле да се обучуваат врз претходни CFD резултати. Наместо секоја проверка да бара целосна симулација која трае со часови, дел од работата би се забрзал, со помала потрошувачка на компјутерски ресурси, енергија и пари.

Важен дел од планот е и пристапот до понови графички процесори. Софтверот за CFD сè повеќе се приспособува за таков хардвер, кој може истовремено да извршува огромен број пресметки. Тоа отвора простор за подетални анализи и на појави што се менуваат со текот на времето.

Харлоу го посочува вертикалното потскокнување на болидите, кое изненади повеќе екипи и самата ФИА на почетокот на ерата на ефектот на подлогата во 2022 година. Подобри симулации би можеле да помогнат таквите проблеми да се разберат уште пред да се појават кај вистинските автомобили.

Примената нема да остане само во аеродинамиката. Се разгледуваат и заштитени јазични модели за проверка на сложениот правилник и за обработка на прашањата од екипите за дозволеноста на техничките решенија. Притоа, доверливите податоци и интелектуалната сопственост би останале во рамките на ФИА.

Технологијата би можела да му помогне и на центарот во Женева, кој од далечина ја поддржува контролата на трките. Кај прекршувањата на границите на патеката, на пример, наместо луѓето да прегледуваат стотици автоматски означени случаи, вештачката интелигенција би можела да ги подреди според приоритет и да предложи дополнителни проверки.

Конечните одлуки сепак би останале во човечки раце — замислата е технологијата да го забрза процесот и да придонесе за поголема доследност, а не да ги замени одговорните лица.

Фото: The Race

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Моторспорт

Проверете

Кој доби шанса во Ф1? Преглед на дебитантите на првите тренинзи во 2026

Секој тим има обврска да им отстапи четири тренинг-настапи на неискусни возачи. Линдблад р…