
Брера веќе ја помести границата за македонските клубови во младинската Лига на шампионите, а денеска ја чека значително потежок испит. На „Младост“ во Струмица, од 14 часот, составот на Ѓорѓе Стојчев ќе му биде домаќин на Хофенхајм во првиот натпревар од второто квалификациско коло.
Германскиот претставник ја има фаворитската улога, но струмичани влегуваат во дуелот со самодоверба изградена врз две убедливи победи. Целта на Брера е да му се спротивстави на посилниот противник со максимално издание и да обезбеди што поповолен резултат пред гостувањето во Германија.
Македонскиот младински првак го отвори европскиот настап со победа од 3:0 на теренот на Санта Колома на 16 септември. На 14 октомври во Струмица следуваше уште поубедливо издание, триумф од 8:0, со кој беше заокружен вкупниот резултат 11:0. Така Брера стана првиот македонски клуб што елиминирал противник во ова натпреварување.
Во домашната голеада против андорскиот тим посебно се истакна Иван Шириќ со хет-трик. Европскиот биланс без примен гол сега ќе биде ставен на многу посериозна проверка, а напредокот е видлив и во споредба со претходниот настап: во 2024 година Брера беше елиминирана од Сараево по домашни 2:2 и пораз од 0:2 на гости.
Реваншот со Хофенхајм е закажан за 4 ноември во Зинсхајм. Екипата што ќе излезе како победник од оваа пресметка ќе продолжи против ПАОК или Зрињски. Патеката на домашните шампиони се игра со елиминациски двомечи, а победниците од нејзиното последно коло обезбедуваат место во нокаут-фазата.
Фото: Архива