
Вардар експресно реагираше по заминувањето на Дарко Велковски, кој кариерата ја продолжи во Бахреин, па во одбранбената линија донесе ново засилување од странство.
Станува збор за Сирики Дијабате, 23-годишен стопер од Брегот на Слоновата Коска. Дијабате е висок 192 сантиметри и треба да внесе дополнителна цврстина во последната линија на македонскиот шампион. Новиот дефанзивец последно настапуваше за катарскиот второлигаш Муатер, а во кариерата има и настапи во Бугарија, каде што ги бранеше боите на Ботев Враца и Ботев Пловдив.
Со ангажманот на Дијабате, Вардар продолжува да го засилува составот по турбулентниот почеток на сезоната. „Црвено-црните“ имаат амбиции да ја одбранат шампионската титула, но стартот не беше според посакуваното, особено по елиминацијата во Европа и неодамнешниот пораз од Шкендија.
Сепак, Вардар веднаш одговори на негативните резултати со убедлива победа над Силекс од 4-1, а сега со новото дефанзивно засилување ќе се обиде дополнително да ја стабилизира екипата.