
Годинешното Светско клупско првенство ќе се одржи од 14 јуни до 13 јули во Соединетите Американски Држави, а учество ќе земат вкупно 32 клуба од целиот свет.
Освен што ни претстојат одлични фудбалски натпревари, ФИФА најави и неколку иновации кои треба да донесат поголема транспарентност во судењето, со посебен акцент на употребата на ВАР технологијата.
Гледачи ќе го следат ВАР процесот во живо
Од неколку парчиња пелени до успешен бизнис - Приказната за Балон Твистер ↓↓↓
Една од најинтересните новини е тоа што публиката на стадионите ќе има директен увид во ВАР процесот. На големите екрани ќе се прикажуваат снимки и анимации кои ги гледаат ВАР судиите, со што се настојува да се елиминираат сомнежите во точноста и објективноста на одлуките. Оваа промена е воведена со цел навивачите во реално време да го следат целиот процес „зад сцената“.
Камера на дресот на судијата – поглед од прва рака
Уште една интересна новина се однесува на опремата на главниот судија – на првенството тој ќе носи мала камера прикачена на дресот, која ќе им овозможи на гледачите да го следат натпреварот од перспектива на судијата. Овој експеримент е веќе тестиран во некои лиги и пријателски натпревари, а сега добива своја премиера на големата сцена. Снимките од камерите на судиите ќе бидат дел од телевизискиот пренос, што би можело дополнително да ја приближи динамиката на натпреварот до пошироката публика.
Полуавтоматски систем за офсајд со помош на вештачка интелигенција
Третата технолошка новина се однесува на напредниот систем за полуавтоматско определување на офсајд. Опремен е со сензори внатре во топката, повеќе камери кои го следат движењето на играчите, и софистицирана вештачка интелигенција. Иако нема да се применува во секоја ситуација, овој систем ќе служи како дополнителна алатка за ВАР тимот во сложени и дискутабилни моменти.
Со воведувањето на овие технологии, ФИФА има за цел да го подигне нивото на доверба во судиските одлуки и да го модернизира начинот на кој навивачите ја доживуваат играта. Ако се докажат како успешни, овие иновации би можеле да станат стандард во идните големи натпреварувања.