
Авторот на најголемото изненадување првиот ден од првото коло на Австралија Опен беше студентот на психологија од Универзитетот Колумбија, Мајкл Женг, кој во пет драматични сетови го елиминираше еден од најдобрите тенисери меѓу сонародниците – Себастијан Корда (6-4, 6-4, 3-6, 6-7, 6-3).
Ова беше и дебито на Гренд Слем турнирите за младиот човек кој живее во студентски дом во Њујорк, па медиумите се интересираа како се чувствува после ваква сензација?
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
„Навистина сум среќен што го минав овој меч. Дефинитивно не беше лесно да се извлече победата против сонародник Американец и поранешен топ-20 играч, Себастијан Корда. Задоволен сум од нивото на игра денес. Излегов на теренот многу добро, поведов со 2:0 во сетови. Се трудев да останам фокусиран и да го задржам тоа ниво. Тој потоа на крајот од третиот и четвртиот сет сервираше многу добро. Јас само се обидував да се концентрирам повторно, бидејќи ова ми беше првиот меч во пет сетови во животот. Останав фокусиран, се обидував да го држам својот сервис и да продолжам напред. Пресреќен сум што успеав да го завршам мечот и да се пласирам во следното коло!”
Каков е твојот тековен статус кога станува збор за колеџот, наградниот фонд и преминот во професионалци? Сè уште си на колеџ, нели? Сè уште имаш право да настапуваш?
„Да, дефинитивно. Имам уште еден семестар на Колумбија што планирам да го завршам. Така што, кога мојот настап овде ќе заврши, се враќам на факултет. Ќе разговарам со нашиот главен тренер и ќе се обидам да дознаам каква е состојбата со примање на парите од наградниот фонд на Австралија Опен — дали смеам да ги земам или не. Со тоа ќе се позанимавам после турнирот”, ги изнесува слатките маки Женг.