
Струга Трим Лум ја продолжи победничката серија во Првата македонска фудбалска лига и во рамките на петтото коло на домашен терен го совлада Тиквеш со убедливи 3:0.
Првиот дел донесе теренска иницијатива на домаќините, кои упорно притискаа кон голот на кавадарчани. Наградата стигна во 40. минута, кога најдобриот стрелец на лигата, Басиру Компаоре, беше прецизен од белата точка и ја донесе Струга во водство. Веднаш потоа Шабани имаше одлична можност да го зголеми резултатот, но на одмор се замина со минимални 1:0.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
Второто полувреме започна во ист стил – со доминација на „црвено-белите“. Компаоре повторно се најде во вистинскиот момент, овојпат со удар со глава во 58. минута, постигнувајќи го својот седми гол сезонава и носејќи му двојна предност на својот тим.
Тиквеш немаше сили да се врати во игра, а конечните 3:0 ги постави Марјан Радески во 79. минута, потврдувајќи ја убедливата победа на домаќините.
По пет кола, Струга Трим Лум останува во чекор со Силекс на врвот на табелата, со максимални 15 освоени бодови.
Фото: Facebook/F.C. Struga