
Со враќањето на Мартин Серафимов и без Жарко Пешевски во изборот, Македонија влегува во првата квалификациска недела за ЕП 2028. Кирил Лазаров одреди 18 ракометари за ноемвриските средби, во кои репрезентацијата ќе ги бара првите бодови против Луксембург и Грција.
Десниот бек на Еурофарм Пелистер повторно добива репрезентативна можност, додека искусниот пивот Пешевски овојпат остана надвор од списокот. На располагање нема да бидат ниту Ненад Костески и Иван Џонов, чие учество го спречуваат повреди.
Првичниот избор опфаќаше 35 имиња, а покрај скратениот состав Лазаров остави и седум резервни опции за евентуални промени. Во таа група се голманот Никола Митревски и бекот Павле Атанасијевиќ. Репрезентативците ќе се соберат на 2 ноември во скопскиот хотел „Александар Палас“.
Македонија е во осмата квалификациска група, каде што покрај двата ноемвриски противника се натпреварува и Шведска. Пласман обезбедуваат првите две селекции од секоја група, како и четири од третопласираните. При споредбата на третите екипи не се сметаат резултатите против последнопласираниот тим во групата.
Луксембург е противник со кој Македонија има две победи од претходните квалификациски соочувања: домашни 38:24 во октомври 2022 и гостински 28:23 во април 2023. Новиот циклус носи обид да продолжи европската низа на македонската селекција, која настапи на последните осум изданија на континенталниот собир.
Стартот е на 4 ноември во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, со Луксембург како прв гостин. Потоа следува патување во Халкида за средбата со Грција на 8 ноември. Двата дуела со Шведска се предвидени за мартовскиот квалификациски прозорец во 2027 година.
Фото: Wikimedia Commons