
Ред Бул останува единствениот производител без право на дополнителни надградби преку системот АДУО, откако ФИА ја заврши третата и последна анализа на перформансите на моторите за 2026 година. За конкурентите продолжуваат да важат веќе утврдените дозволи за развој, но начинот на нивно доделување би можел да претрпи измени во 2027 година.
Механизмот АДУО беше воведен сезонава за да им овозможи на производителите што заостануваат да ја намалат разликата. Притоа, ФИА ја оценува само работата на моторот со внатрешно согорување, а не на целата погонска единица.
Најновата проверка ги опфати трките од 12. до 18. коло, од Големата награда на Холандија во август до онаа на САД во октомври. Резултатите им беа доставени на производителите по викендот во Бразил. Иако разликите во однос на водечкиот мотор на Ред Бул се промениле, тие не биле доволни за доделување нови дозволи за хомологација.
Мерцедес останува во групата со заостанување од два до четири проценти. Тоа му носи една дополнителна хомологација за 2026 година, која сè уште не е искористена, и уште една за 2027 година.
Ауди, Ферари и Хонда и натаму се оценети со заостанување поголемо од четири проценти, па имаат право на по две дополнителни надградби за 2027 година. Ферари и Хонда веќе ги употребија двете дозволени можности за 2026 година, додека Ауди, според достапните информации, следната надградба ја чува за наредната сезона.
За сите четири производители, овие дозволи се придружени и со зголемување на дозволените трошоци и на тестирањето на моторите на пробна клупа. ФИА нема да објавува дополнителни детали за мерењата врз кои се темели рангирањето.
Директорот на ФИА за едноседи, Николас Томбазис, ја нагласи довербата во податоците и во постапката на оценување. Според него, првата година од примената ја потврдила оправданоста на концептот, но федерацијата веќе разговара со производителите и екипите за подобрување на методологијата.
Во игра се неколку можни промени за 2027 година, кога ќе важат и нови стапки на проток на горивото. Една опција е мерењето на моќноста да ги зема предвид големината на турбополначот, работните температури и надворешни влијанија, како аеродинамичките елементи кај издувот. Друга е споредбата да се прави според вкупните перформанси на погонската единица, наместо само според моторот со внатрешно согорување.
Шефот на проектот на Ауди, Матија Биното, претходно предложи поинаков пристап: дополнителните можности за развој да зависат од пласманот во шампионатот на конструктори, а не од проценката на моќноста на една компонента.
Фото: Liauzh / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)