
Том Брејди повеќе нема да биде дел од сопственичката структура на Бирмингем. Клубот ја објави разделбата со седумкратниот освојувач на Супербоул во момент кога фудбалскиот тим е лидер во Чемпионшип.
Причината за заминувањето не е соопштена. Бирмингем му се заблагодари за тригодишната поддршка и ангажман, нагласувајќи го придонесот на неговото искуство и страст за спортот, како во клубот така и во локалната заедница.
Брејди влезе како малцински сопственик во август 2023 година, во рамките на преземањето на клубот од американска компанија за управување со капитал. Неговиот престој донесе големи пресврти: уште во првата сезона, по изненадувачката смена на Џон Јустас, Бирмингем испадна во третиот ранг.
Следуваше лето со значителни вложувања, меѓу кои и трансферот на Џеј Стенсфилд за 15 милиони фунти. Ангажманот на напаѓачот на младата англиска репрезентација до 21 година постави трансферски рекорд за третата лига, а тимот веднаш обезбеди враќање во Чемпионшип.
Првата сезона по враќањето во второлигашкото друштво Бирмингем ја заврши на десеттото место. Сега сликата е поинаква: саботната победа од 2-1 над Свонси беше седма во последните девет натпревари и го остави клубот на врвот на табелата.
Фото: Sky Sports