
Смртта на спортистот Кристијан Јосип Периш во загрепската психијатриска клиника „Свети Иван“ е предмет на истрага, а снимка од болничката соба стана еден од клучните докази против медицинскиот персонал. Четворица осомничени се уапсени и им е одреден едномесечен истражен притвор.
„Јутарњи лист“, кој дошол до снимката од надзорната камера во собата 11а, објави опис на постапувањето со пациентот. Според весникот, повеќе лица го притискале Периш на креветот со рацете и колената, додека врз главата му била поставена перница. Целата интервенција траела повеќе од осум минути, а во еден момент во просторијата имало десет лица.
Во објавениот опис се наведува дека медицински техничари го удирале во градите со лакт и со тупаница, додека други го врзувале со појаси. Присутна била и лекарка. При крајот на снимката телото на Периш веќе било неподвижно. Откако била тргната перницата, персоналот забележал дека е без свест, по што започнал обид за реанимација.
Весникот соопшти дека, од обѕир кон семејството, не ја објавил самата снимка, туку издвоил сцени од неа. Роднините не сакале да го коментираат случајот.
Прелиминарната обдукција утврдила бројни повреди, но не и конечна причина за смртта. На лицето и телото биле забележани подливи и оштетувања на кожата, како и скршени ребра и градна коска. Констатирани биле и отоци на белите дробови и мозокот. На семејството првично му било кажано дека Периш починал поради откажување на срцето, објаснување во кое се посомневале бидејќи тој бил спортист.
CCTV from Zagreb’s Jankomir psychiatric hospital in Croatia 🇭🇷 shows staff kneeling on athlete Kristian Josip Peris with a pillow over his head for 8 minutes before he died, Jutarnji reports. Four medical technicians are in custody. #Croatia 🇭🇷 #Zagreb #Jankomir #Yugoslavia https://t.co/zcN8lTxgb2— Yugoslavia (@NewYugoslavia) November 9, 2026
Загрепската полиција во саботата поднела кривична пријава против четворицата осомничени. Тројца на првото испитување се бранеле со молчење, а Младен Л. изнел одбрана. Притворот е одреден поради опасност од повторување на делото и влијание врз сведоци, како и поради особено тешките околности на случајот.
Истрагата го опфаќа и текот на настаните пред смртта. На 21 октомври полицијата најпрво постапувала по пријава од член на семејството дека Периш е во растроена состојба и има параноидни мисли. Подоцна истиот ден следувале уште две интервенции во клиниката, по повици во кои било пријавено дека пациентот вербално го напаѓа персоналот и упатува закани.
Но, во полицискиот извештај е забележана и поинаква изјава: друга лекарка им рекла на полицајците дека Периш е смирен, дека никому не се заканувал и дека нема потреба од нивна интервенција. Според истиот извештај, тој седел на клупа, не давал отпор и не се однесувал агресивно. Побарал да разговара само со полицијата и кажал дека се плаши повторно да биде врзан и задушуван. Неколку часа подоцна семејството било известено дека починал.
Фото: Telegraf