Дома Моторспорт Побрза и надвор од патеката: Ф1 тимовите ги добиваат податоците за четири секунди

Побрза и надвор од патеката: Ф1 тимовите ги добиваат податоците за четири секунди

Побрза и надвор од патеката: Ф1 тимовите ги добиваат податоците за четири секунди

Во Формула 1 не се забрзуваат само болидите. Информациите што им се потребни на инженерите сега пристигнуваат за околу четири секунди од нивното снимање — најмалку двојно побрзо отколку во 2024 година.

Напредокот го претстави Николас Авила, извршен директор на одделот за медиуми, спорт и забава во „Глобант“, на настанот „Beyond the Race: Investments in Innovation and Leadership“ во Лас Вегас. Во разговорот со Фабрисио Друмонд од „The Race“, тој објасни дека претходното доцнење изнесувало повеќе од десет секунди, а сега е под пет.

Зад промената стои систем што на едно место обединува повеќе од 30 сигнали, меѓу кои снимки од камери, меѓународниот телевизиски пренос и податоци за мерењето на времето. Заедно со аналитиката и телеметријата, тие им се достапни на луѓето покрај патеката и на тимските инженери во фабриките, за побрзо да реагираат и да испраќаат инструкции до возачите.

„Глобант“ стана официјален партнер на Формула 1 во мај 2024 година, а дел од соработката е токму развојот на овој систем. Него го користат сите екипи во шампионатот.

За Авила, сепак, и четири секунди се многу во спорт во кој едно застанување во бокс може да ја реши трката. Тој нагласи дека пократкото чекање им помага на тимовите при носењето одлуки, но и дека е изненаден што сè уште се дозволува толкаво доцнење.

Примената на побрзиот пренос на податоци, според него, не завршува во мотоспортот. Како пример ја посочи работата на „Глобант“ во персонализираната медицина, каде што брзината на обработката и размената на информации е важна за подготовката и доставувањето терапија.

Авила наведе дека при соработка со онколошка компанија циклусот бил подобрен за повеќе од 30 проценти, а стапката на преживување кај конкретен вид рак била зголемена на над 90 проценти. Неговата порака е дека технолошките барања што ги поставува Формула 1 можат да најдат примена и во други индустрии.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Моторспорт

Проверете

Ферстапен победи, па го нападна Расел: Уживав кога видов што му се случи

Триумфот во Лас Вегас не ја смири расправијата. Ферстапен ја коментираше грешката на Расел…