
Вратата за руските и белоруските клубови и репрезентации останува затворена. ФИБА Европа ја задржа забраната за нивно учество во натпреварувањата во кошарка пет на пет што се под нејзина надлежност.
Потврдата дојде по петочниот состанок на Управниот одбор во Хамбург. Иако во одделни сегменти од кошарката веќе беа дозволени враќања на меѓународната сцена, тие одлуки засега не го менуваат статусот на клубовите и националните тимови во овој формат.
Исклучоците се однесуваат, меѓу другото, на младинската кошарка 3х3. На младите селекции од двете земји им беше овозможен настап на меѓународни турнири, а во јули тие учествуваа на етапа од Лигата на нации до 21 година во Кина.
Дополнителен чекор направи и Извршниот комитет на ФИБА во септември, кога дозволи меѓународно враќање на поединечни кошаркари, тренери, судии и други членови на кошаркарската заедница од Русија и Белорусија. Сепак, таа дозвола не значи и укинување на ограничувањата за нивните екипи.
Суспензијата беше воведена по почетокот на руската инвазија врз Украина, по што клубовите и репрезентациите од двете држави беа отстранети од меѓународните натпреварувања.
Прашањето за нивниот статус се очекува повторно да се најде на разгледување во декември. До тогаш, последната одлука на ФИБА Европа не предвидува промена за натпреварувањата пет на пет.
Фото: Nationaal Archief, Den Haag, Rijksfotoarchief: Fotocollectie Algemeen Nederlands Fotopersbureau (ANEFO), 1945-1989 – negatiefstroken zwart/wit, nummer toegang 2.24.01.05, bestanddeelnummer 921-0