Дома Фудбал Почина Дуду Георгеску: Романскиот голгетер двапати ја освои европската Златна копачка

Почина Дуду Георгеску: Романскиот голгетер двапати ја освои европската Златна копачка

Почина Дуду Георгеску: Романскиот голгетер двапати ја освои европската Златна копачка

Романскиот фудбал остана без својот рекордер меѓу стрелците. Дуду Георгеску, двократен добитник на европската Златна копачка, почина во 76. година од животот, а бил пронајден мртов во изнајмениот стан во Торонто.

Веста ја потврди неговиот близок пријател, пејачот Георг Турда. Во изјава за „Диги спорт“, тој објасни дека за смртта дознал од сопственикот на станот во кој живеел поранешниот романски репрезентативец. Од Георгеску се прости и Фудбалскиот сојуз на Романија, потсетувајќи на неговото значење за тамошниот фудбал.

Неговото име и натаму стои на врвот на вечната листа на стрелци во романската елита: 252 погодоци на 371 натпревар. Најблиску до тој учинок се Јонел Данчулеску со 214 и Родион Каматару со 198 гола.

Најблескавите години ги мина во Динамо Букурешт. Во клубот пристигна во 1973 година, по настапите за Прогресул и ЦСМ Решица, а во следната деценија освои четири шампионски титули и еден национален куп. Негови соиграчи беа и Корнел Дину, Мирчеа Луческу и Флореа Думитраке.

Од 1975 до 1978 година, четири сезони едноподруго завршуваше како најдобар стрелец во првенството. Во тој период стигна и до двете најголеми индивидуални признанија: европската Златна копачка во 1975 година со 33 гола и повторно во 1977 година, кога постигна дури 47.

Голгетерскиот печат го остави и надвор од домашното првенство. За Романија забележа 21 погодок во 40 настапи, додека за Динамо во европските натпреварувања постигна 17 гола на 23 средби. Последниот првенствен погодок го запиша на 23 ноември 1986 година, токму против клубот со кој ги оствари најголемите успеси – Динамо.

По завршувањето на кариерата се соочи и со тешки животни моменти. Во 2014 година беше иселен од станот во Букурешт во кој живеел од 1976 година, а кој го добил по освојувањето на првата европска Златна копачка.

Фото: Viktor Lazić / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Подвиг што остана само негов: Антиќ ги водеше Реал, Барселона и Атлетико

На денешен ден е роден Радомир Антиќ, тренерот со единствено место во шпанскиот фудбал и ч…