
Холандскиот стручњак Ерик тен Хаг е без ангажман од ноември, откако доби отказ од раководството на Манчестер Јунајтед.
Имаше многу гласини дека би можел да го преземе кормилото на Рома, бидејќи беше забележан на “Олимпико”, и дека ќе го наследи Клаудио Раниери. Потоа се појави и опција за Баер Леверкузен, но засега нема најава за конкретни преговори.
Како започна приказната со Goblin Games - од гаража до бренд! ↓↓↓
Денеска, пак, се објави дека Ајакс остана без тренер, бидејќи Франческо Фариоли го напушти клубот по само една сезона. “Копјаниците” сакаат да го вратат својот препознатлив стил на убав и напаѓачки фудбал, кој не беше во согласност со стратегијата на досегашниот тренер.
Оттука, Ерик тен Хаг и уште еден кандидат се меѓу приоритетите на техничкиот директор Алекс Крус, пренесува еден од највлијателните холандски медиуми “De Telegraaf“. Во периодот од 2018 до 2022 година, Тен Хаг го водеше Ајакс, освојувајќи три шампионски титули и двапати националниот Куп. Под негово раководство, тимот стигна и до полуфиналето на Лигата на шампиони, каде драматично беа елиминирани од Тотенхем. Потоа премина во Манчестер Јунајтед, а тоа е приказна која и понатаму е добро позната.
Другиот кандидат за тренерската позиција во Ајакс е Пол Симонис, кој нема големо искуство како главен тренер, бидејќи само една сезона беше на чело на екипата Го Хед Иглс, со која ја освои Купот на Холандија, создавајќи еден од најинтересните тимови во првенството на Холандија..
Фото: Manchester United/X