
Лионел Меси го обележа последното коло од регуларниот дел на МЛС лигата, откако во победата на Интер Мајами над Нешвил со резултат 5:2 постигна 60-ти хет-трик во кариерата.
Меси, исто така, ја освои „златната копачка“ со неверојатни 29 гола, а покрај тоа има и дури 19 асистенции, со што е апсолутно најдобар играч во МЛС лигата со 48 Г+А. Секако, му припадна и наградата „Златна копачка“ за најдобар стрелец во лигашкиот дел.
Ќе го решиме проблемот со отпадот ако го гледаме како ресурс, а не како ѓубре! | Уште еден поткаст
Меси толку блескаше ноќеска, што во еден момент дури и домашните навивачи на Нешвил почнаа да го скандираат неговото име, а секој противнички играч на крајот сакаше размена на дресови.
Претходно, Меси во својот стил најпрво искористи асистенција од Ѓорди Алба во 35-тата минута, потоа погоди од пенал за 2:2, за да во 81-та минута со прецизен удар од дваесетина метри ја потврди победата.
Интер Мајами така го заврши лигашкиот дел од сезоната на третата позиција во Источната конференција со поен помалку од Филаделфија. Инаку, првиот противник на Интер Мајами во плеј-офот ќе биде токму шесторангираниот Нешвил. Борбата за титулата во МЛС започнува веќе на 22 октомври.
Што се однесува до нашите играчи, Дејан Јовељиќ ја заврши сезоната со нерешен натпревар без голови против Хјустон Динамо. Неговиот Канзас го заврши како последнорангиран тим во Западната конференција со 28 освоени поени.