Оптимистите меѓу навивачите на Манчестер Јунајтед очекуваа португалскиот тренер Рубен Аморим да има „магично стапче“ кое ќе ги реши сите проблеми на овој клуб, но се разбира дека не беа во право, бидејќи првите недели на клупата на овој паднат гигант се одвиваат многу тешко за тренерот кој дојде наместо отпуштениот Ерик Тен Хаг.
Учинокот на Португалецот откако пристигна е прилично разочарувачки, полош од оној на Тен Хаг – само две победи во Премиер лигата (Евертон 4:0 и Манчестер Сити 2:1), две во Лига Европа (Викторија Плзен 2:1, Боде/Глимт 3:2) и пет порази, од кои дури четири во Премиер лигата. Последните два беа прилично непријатни, без даден гол против Борнмут (0:3) и Вулверхемптон (0:2). Петтиот пораз беше од Тотенхем, со резултат 4:3 во четвртфиналето на Лига Купот на Англија.
Disc Golf challenge: Дали некој ќе погоди од прва!? ↓↓↓
Екипата сега, по новите неуспеси, повторно е на 14. место во Премиер лигата, токму таму каде што беше кога Аморим го презеде тимот од својот претходник.
Тен Хаг на последните десет натпревари кои ги водеше запиша само два порази (Тотенхем и Вест Хем во Премиер лигата), оствари три победи (Саутемптон, Брентфорд во лигата и Барнсли во рамките на Купот) како и пет ремија (Порто, Астон Вила, Фенербахче, Кристал Палас и Твенте).
Јунајтед со Тен Хаг освои осум бода во споменатиот период во рамките на Премиер лигата, додека под водство на Аморим освоил еден помалку.