
Тренерот на Алкалоид и селектор на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, емотивно зборуваше за својата кариера, враќањето во Македонија и придонесот што го дава за развојот на домашниот ракомет.
Во интервју за порталот „Балкан хандбал“, легендарниот македонски ракометар истакна дека неговата главна цел е да му помогне на македонскиот ракомет да продолжи да се развива. Лазаров нагласи дека токму љубовта кон Македонија била причината поради која по завршувањето на блескавата интернационална кариера решил да се врати во земјата и да прифати да работи во, како што вели, „хаосот“ во домашниот ракомет.
„Да не сум Македонец, немаше да се вратам во Македонија. Може некој да каже дека сум ваков, таков или онаков, но не може да ми го оспори тоа што сум го направил за македонскиот ракомет. Играчка кариера од 25 години и веќе работам 5-6 години како тренер, повторно за македонскиот ракомет со млади категории, со сениори, го туркам македонскиот ракомет, за да ја обновиме генерацијата и да не се почувствува пад и за среќа не се почувствува. За тоа барам респект и почит бидејќи се вратив и прифатив да влезам во овој хаос, но тоа го работам бидејќи ја сакам Македонија“, рече Лазаров.
Лазаров ја заврши играчката кариера во 2022 година, по што веднаш седна на клупата на Алкалоид. Сепак, неговата тренерска работа со македонскиот ракомет започна уште порано. Во 2021 година, додека сè уште беше активен играч, беше назначен за селектор на македонската репрезентација.