
Големото дерби на англискиот фудбал, иако не според моменталната состојба на табелата оваа сезона, заврши со очекувана, но тешко извојувана победа на Челзи против Манчестер Јунајтед.
Натпреварот од предпоследното 37. коло на Премиер лигата, одигран на Стамфорд Бриџ во Лондон, се заврши со резултат 1:0 (0:0). Единствениот гол го постигна Марк Кукурелја во 71. минута.
Во 16. минута стрелец беше Хари Мегваер, но среќата се насмевна на Челзи бидејќи проверката од ВАР собата потврди дека имаше минимален офсајд и голот беше поништен.
Во продолжение на мечот, повеќе од играта покажаа домашните играчи. Можеби најубавиот момент беше виден во 24. минута. Одлично шутираше капитенот на Челзи, Рис Џејмс, но овојпат среќата не го следеше екипата, бидејќи неговиот удар заврши на стативата.
Тимот предводен од Енцо Мареска во последното 38. коло има уште еден важен натпревар на гости против Нотингем Форест, додека за Манчестер Јунајтед многу поважно е споменатото финале на Лига Европа против Тотенхем.