
Дани Алвес (41), славниот играч на Барселона и Бразил и еден од најтрофејните фудбалери во историјата, на жалбениот суд во Барселона е ослободен од обвинението за силување. Алвес минатата година во февруари со првостепена пресуда беше привремено прогласен за виновен и осуден на четири и пол години затвор заради силување на девојка во ноќен клуб во Барселона на 30 декември 2022.
Алвес во март минатата година, еден месец по првостепената пресуда и откако помина година и два месеци во затвор, го напушти затворот откако плати кауција од еден милион евра. Судот тогаш одлучи дека му се одземаат шпанскиот и бразилскиот пасош до завршување на постапката (правосилна пресуда). Алвес од 2005 година има и шпанско државјанство. Покрај тоа, според одлуката на судот, не смееше да се приближи до својата жртва, на која според пресудата требаше да и плати 150 илјади евра оштета.
Анде Јанков - автор на крими романи: Блискоста на реалноста и фикцијата! ↓↓↓
Алвес на почетокот негираше дека воопшто ја познава жената која го пријави за злосторството. Потоа неколку пати ја менуваше својата изјава, за на крај, Алвес, кој инаку е во брак, изјави дека сексуалниот однос со девојката во клубот бил спогодбен.
Полицијата го уапси на 20 јануари 2023 година за време на посетата на Алвес на главниот град на Каталонија по завршувањето на Светското првенство во Катар. До апсењето играше за мексиканскиот клуб Пумас. Исто така, играл за Севиља, Јувентус и ПСЖ, додека за Бразил настапи 126 пати. Во кариерата освои дури 42 титули. Со Барселона трипати ја освои Лигата на шампионите, а со Бразил двапати го освои јужноамериканското првенство.