
Еден од најистакнатите хрватски фудбалери во последните две децении, Иван Ракитиќ (37), објави дека ја завршува својата професионална играчка кариера.
Веста ја сподели преку социјалните мрежи, потврдувајќи ги претходните шпекулации кои се појавија пред десетина дена, кога не се појави на почетокот на подготовките на Хајдук.
Вардар, Работнички, Силекс, Шкендија – Кој ќе блесне во Европа!? ↓↓↓
Ракитиќ ќе остане во светот на фудбалот, но во различна улога. Како што беше најавено, тој ќе се приклучи на стручниот тим на спортскиот директор на Хајдук, Горан Вучевиќ.
Последната сезона ја одигра токму во дресот на сплитскиот клуб, со кого го освои третото место во хрватското првенство. Во таа сезона запиша 39 настапи, постигна два гола и оствари пет асистенции.
Професионалната кариера ја започна уште во 2005 година во швајцарскиот Базел, од каде се пресели во Шалке. Сепак, најмногу се истакна во дресот на Севиља, каде играше во два наврата, од 2011 до 2014 и од 2020 до 2024 година.
Во периодот меѓу двата престои во Андалузија, го носеше дресот на Барселона, со која ги освои сите можни трофеи, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите во 2015 година. Имаше и кратка епизода во саудискиот Ал Шабаб.
За хрватската репрезентација дебитираше во 2007 година, а најголем успех постигна во 2018 кога беше клучен дел од тимот што го освои второто место на Светското првенство во Русија.