
Натпреварите од Лигата на Европа за РК Вардар продолжуваат со нов сериозен испит – германскиот бундеслигаш Мелсунген. Дуелот се игра утревечер од 20:45 часот во СРЦ Јане Сандански, каде „црвено-црните“ ќе ја бараат првата европска победа на домашен терен.
Пред медиумите зборуваше тренерот Иван Чупиќ, кој очекува вистинска ракометна атмосфера и максимална борбеност од своите избраници.
Спорт што не познава граници - Street Workout Macedonia | Уште еден поткаст
„По поразот од Бенфика ни беше јасно дека нè чека исклучително важен натпревар. Мелсунген е квалитетен состав, со искусен тренер и сериозен систем на игра. Нашата цел е јасна – со две победи на домашен терен да обезбедиме место во осминафиналето. Но, одиме чекор по чекор. За да го реализираме тоа, мора да го дадеме максимумот уште утре. Верувам дека по тешката недела и триумфот над Алкалоид се враќаме на вистинскиот пат. Очекувам полни трибини и поддршка што ќе ни помогне да стигнеме до победа“, порача Чупиќ.
Хрватскиот стратег не бегаше од одговорност за поразот во Португалија од Бенфика, меч во кој вардарци направија дури 20 технички грешки и примија 40 голови.
„Одговорноста за поразот е моја. Не бевме на потребното ниво за натпревар од Лига Европа. Со толкав број технички грешки и примени голови, јасно е каде лежи проблемот. Понекогаш има натпревари кога едноставно работите не функционираат и тешко е да се најде објаснување. Треба да го прифатиме тоа и преку работа да ги исправиме слабостите. Сепак, два дена подоцна против Алкалоид покажавме карактер, желба и одговорност кон дресот. Како тренер секогаш се преиспитувам, но мора да гледаме напред. Сега целиот фокус е на Мелсунген“, истакна Чупиќ.