Дома Фудбал Трент не планира камбек на „Енфилд“: Ќе се бори за место во Реал

Трент не планира камбек на „Енфилд“: Ќе се бори за место во Реал

Trent Alexander-Arnold

Враќањето на Трент Александер-Арнолд во Ливерпул засега останува само тема за шпекулации. Иако не успева да обезбеди редовна минутажа во Реал Мадрид, англискиот бек нема намера веднаш да бара излез од шпанскиот клуб.

Според информациите на „Фудбал инсајдер“, негов приоритет е да се избори за поголема улога во Мадрид, а не да иницира камбек на „Енфилд“. Александер-Арнолд има договор до 2031 година и останува во плановите на Жозе Мурињо.

Сепак, досегашниот тек на сезоната не му оди во прилог. Во почетниот состав бил на само три од првите девет натпревари на Реал во Ла Лига, додека Федерико Валверде во моментов има предност во изборот за десната бековска позиција. Неговата втора сезона во Шпанија минува со променлива улога, што повторно ги отвори прашањата за иднината.

Ниту од другата страна нема конкретен чекор кон повторно обединување. Ливерпул во моментов не работи на негово враќање, и покрај неизвесноста околу десната страна на одбраната.

Врската со поранешниот клуб не е прекината. Александер-Арнолд претходно признал дека и натаму ги следи настапите на Ливерпул и сака тимот да биде успешен. Како играч израснат во клупската академија и поранешен заменик-капитен, тој има силна поврзаност со „Енфилд“.

Но, евентуалното враќање би ја отворило и дебатата за неговото заминување во 2025 година. Дел од навивачите тогаш негодуваа поради одлуката да го одработи договорот до крај пред преселбата во Мадрид. Засега, сепак, нема најава за таков расплет: Трент е насочен кон борбата за место во Реал, а Ливерпул не подготвува потег за негов камбек.

Фото: Bex Walton / Wikimedia Commons, CC BY 2.0

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Ноќта кога пукна во Селтик: Роџерс замина, О’Нил се врати од пензионерскиот мир

Пред точно една година, оставката на Брендан Роџерс го потресе Селтик, а клубот побара при…